Лице в лице

(English version here: Face to Face)

Првиот уличен магазин во Македонија соодветно насловен „Лице в лице“ излезе на 15 септември оваа година и беше скромно промовиран во Градскиот парк Скопје истиот ден. Овој двомесечник е по многу нешта различен од сите магазини кои излегуваат во Македонија:

  • концепциски обработува теми до областа на културата, уметноста, социјалните проблеми со кои се соочуваат огромен процент граѓани, но и убавата страна на животот и приказни за успешни луѓе кои успеале со сопствениот труд и умешност да го сменат не само својот живот туку и животите на луѓето околу себе. Со други зборови, НЕМА ПОЛИТИКА!!!;
  • се продава лице в лице, со што добива интимна нишка и ве тера на многу едноставен начин да се соочите со другото лице на нашето општество што не баш често го гледате;
  • половина од продажната цена (100 МКД) оди за оној што го продава, триесет проценти за организацијата која се грижи за лицата кои го продаваат но и за многу други лица (Центар за згрижување на деца од улица) а дваесет проценти за издавање на следниот број;
  • дизајнот на списанието и хартијата на која е испечатено е различна од сите останати, и ве повикува да го прочитате;
  • фотографиите во списанието се приказна сама за себе, ги надополнуваат содржините но овозможуваат и друга, дополнителна димензија.

Имав среќа да се запознаам со двајца продавачи на Лице в лице за време на нивната посета на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.(Фотографии од посетата може да видите овде). Армандо и Ерџан апсолутно ме освоија со чистината на своето постоење и едноставноста на своите желби. Иако несовршени во продавањето, тие се апсолутно совршени во својата човечност и скромност, и апсолутно совршено се вклопуваат во целиот концепт на Лице в лице.

Во придружба на Ирена Велковска и Василка Петрова од Центарот за згрижување на деца од улица, овие двајца новопечени продавачи ги продадоа сите примероци од Лице в лице што ги носеа на вработените во Амбасадата и ветија дека ќе донесат уште. Попатно ни раскажаа дека списанието го продаваат на неколку локации:

  • Плоштад Македонија (по 16 часот)
  • Пред Веро Тафталиџе
  • Пред Скопје сити мол (Бидејќи Скопје сити мол е најактуелен во овој момент (за жал најмногу поради рекордната продажба на тоалетна хартија во историјата на македонското општество) многу ме интересираше колку копиии продале таму. 0 (со зборови:нула).)
  • Градски парк (за време на викенди)

Ирена и Василка од Центарот дообјаснија дека се пресреќни што некој им верува на овие деца и им дава можност чесно да заработат. Знаев дека постои дискриминација, но не бев свесна со какви се форми на дискриминација се соочуваат тие. Никој не сака да ги вработи, а сите сакаат да ги обвинат за било што за кое не може да се најде виновникот. Голем дел од нив воопшто не постојат во ниедна матична книга во земјата и се многу лесна мета за трговија со луѓе. Договорните бракови меѓу малолетни лица се се уште честа појава, а возраста на оние кои стапуваат во брак е 11, 12, 13 години….

На посветлата страна, луѓето од Лице в лице и од Центарот за згрижување на деца од улица искрено веруваат дека можат и сакаат да направат нешто. Во моментов Центарот згрижува 85 деца од улица, кои од понеделник до петок престојуваат таму и учат основни животни лекции кои немале можност да ги научат на друго место.

Затоа, следниот пат кога ќе видите некое од овие прекрасни деца на улица, купете си примерок од Лице в лице. Освен што ќе имате што да прочитате, ќе станете дел од убавите промени. Едноставно: биди промената што сакаш да ја видиш во светот!

Leave a comment